Воздухот во Скопје прекумерно загаден - градот е меѓу најзагадените во светот
Неколку дена во Скопје тешко се дише. Според повеќе мерења на воздухот градот повторно е меѓу најзагадените во светот. И на официјалната страна на министерството за животна средина може да се види дека во повеќе скопски општини загаденоста со ПМ 10 честички е неколку пати над дозволените гтраници.
Горјан Јовановски од “Мој воздух” кој веќе 8 години постојано алармира за сериозното аерозагадување во градот, вели дека граѓаните треба да извршат поголем притисок врз институциите за да почнат да спроведуваат конкретни мерки.
- Тие очигледно не си ја вршат својата работа, очигледно сакаат да се вадат на изговори “знаете ова не се решава преку ноќ”, 8 години чекаме да биде решено. Само се бунтуваме на социјалните мрежи. Не може и не смее тука да заврши граѓанскиот притисок. Мора да организираме протести. Соберете се пред зграда, соберете се пред општина, пред Влада. Мораме да протестираме и да не чекаме некој да го организира тоа од нас. 5.600 луѓе умреа во 2021 година од аерозагадување. Полошо станува, вели Горјан Јовановски од “Мој воздух”.
Стефан Андоновски од ВМРО ДПМНЕ која има најголема советничка група во Градот вели дека градоначалничката ја замајувала јавноста со наводно раззеленување на Скопје. Денеска сакале јавно да ја прашаат Данела Арсовска каде завршиле и зошто биле купени среде лето садници во вредност од милион евра, но таа не се појави на седницата.
- Каде се засадени тие садници од 1 милион евра и каде се наоѓа мега паркот во Аеродром, праша Стефан Андоновски, советник во Град Скопје од ВМРО ДПМНЕ.
Но, не само во Скопје деновиве алармантно е загадувањето во повеќе градови во Македонија. Невладините бараат поголеми инспекциски контроли бидејќи се сомвеваат дека индустриски капацитети се причина за загадување на воздухот.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар