Враќање на довербата во народниот правобранител - приоритет на Сељами кој ја превзема функцијата
Фатон Сељами ја превзема функцијата народен правобранител.
По свечената изјава во Собранието утрово вети дека во својот 8-годишен мандат ќе работи во интерес на сите граѓани и на враќање на довербата во институцијата, нејзино доекипирање и реформирање преку законски измени.
Во тој правец ќе работиме со сите релевантни фактори, со Собранието и со Владата за прво да се направи кадровска екипираност на институцијата народен правобранител. Институцијата е кадровски е преполовена, а нè очекува избор на осум заменици на народниот правобранител. Имам информација дека постои предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител, кој ќе треба да го видиме уште еднаш со стручните служби и во соработка со Собранието во најбрз рок да ги поминеме тие законски измени“, изјави Сељами за медиумите по давањето свечена изјава.
Неговиот избор кој со месеци беше заглавен во Собранието поради немање бадентерово мнозинство, го поздрави и спикерот Гаши. Тој им се заблагодари на помалите етнички заедници кои во петокот дадоа поддршка за изборот на Сељами.
Сељами во собранието дојде на предлог на владејачката Вреди, по пензионирањето на Насер Зибери на средината на минатата година, но власта повеќе од 5 месеци не можеше да обезбеди бадентерово мнозинство за негов избор.
Од денеска се очекува деблокирање на работата на институцијата народен правобранител, за која вработените изминатите месеци повеќепати аламираа дека е пред целосно згаснување бидејќи нема да можат да земат плата, а им се закануваше и иселување од просториите поради неплатени ќирии.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
