Македонија
30. May 2024 - 16:37

Вреди убедува 4 пратеници од фронтот на Ахмети за промена на страната

Ќе има ли нови прегрупирања во Собранието за зголемување на владејачкото мнозинство? Откако Мицкоски најави дека од освоени 58 пратенички мандати на изборите, во парламентот ќе располага со 61, зголемување на пратеничката гтрупа најавува и албанскиот партнер. Изет Меџити од коалицијата Вреди тврди дека разговараат за промена на страната со дури 4ца од Европскиот фронт на Ахмети.

-Веќе можам да кажам дека од тие 18 пратеници што ги доби овој фронт, тројца – четворица со едната нога се дел од новото мнозинство. сега нема да ги кажам нивните имиња, но таму има две турски партии, а турската заедница нема капацитет и потенцијал да остане четири години во опозиција. тие секако дека се гледаат себе си во идната влада. има и некои други пратеници кои се со ахмети, кои во минатото се тепале и се убивале меѓу себе, предизвикувале жртви кај албанците и тешки последици. заедно се засега, беа здружени за да опстанат. но, мисијата на европски фронт е пропадната“

Но, и Сали Мурат и Бејџан Иљаз, пратеници чии имиња се споменуваат како можни за преминување во Вреди, засега демантираат.

Најавите за прелевање на пратеници следат откако Ахмети вчера од Мала Речица порача дека  почнува битка за почитување на духот на Охридскиот договор. Иако и денеска не ги откриваат чекорите што ќе ги преземат од ДУИ велат не се откажуваат од албанскиот глас.,

-За скандалозниот израз “Ахмети да престане да се однесува како палаво дете кое плаче за играчка која не е негова“, на ВМРО ДПМНЕ треба да им биде јасно дека Владата не е играчка во нивни и ничии раце и кршењето на волјата на суверенот е антидемократски чин и против Охридскиот договор. Демократската унија за интеграција останува доследна на својот став за почитување на гласот на албанскиот народ и другите етнички заедници, бидејќи тоа е единствената гаранција за стабилност и прогресивен континуитет на земјата, стои во соопштението на интегративците.

Во меѓувреме, откако синоќа Управниот суд ја одби тужбата на ДУИ за ново прегласување во Ларци, Желино, ДИК попладнево го потврди мандататот на 14-тиот пратеник на Вреди. 

Пратеникот на Вреди ќе седне во собраниската клупа на наредната седница кога ќе му биде верификуван мандатот. Верифиркација на мандатот чека и народниот избраник кој треба да дојде на местото на Касами кој се откажа од пратеничкиот мандат.