Македонија
9. December 2025 - 12:34

Врнежите ја пролонгираа есенската сеидба

Обилните врнежи и поплавите во источна Македонија ги забавија земјоделските активности и ја пролонгираа есенската сеидба на пченица и јачмен. Дел од нивите се уште се под вода, а механизацијата тешко може да влезе на терен. Земјоделците се загрижени дека доцнењето ќе значи и послаби приноси следната година. Од Асоцијацијата на земјоделци, велат деа дека голем дел од површините сè уште не се посеани. 

- Есенската сеидба се уште е во тек и не е завршена поради временските услови. Сметаме дека 40 % има се уште за сеење на житарицата, изјави Гоце Сарафимов, Асоцијација на земјоделци.

Земјоделците стравуваат дека недоволните количини домашна пченица и јачмен ќе предизвикаат дополнителен притисок врз пазарот и зголемена зависност од увоз. Стручната јавност препорачува дел од изгубеното време да се надомести со друг тип сорти. 

- Производителите да си планираат во први моменти, кога тоа ќе го дозволат временските услови, доколку имаат убав сертифициран семенски матерјал од одредени сорти кои се со вакви карактеристики, односно се со факултативни, со преодни својства да може да се сеат во зимскиот период и во пролетниот период, секако ќе може овие површини да се засеат со одредени сорти, изјави Мите Илиевски, Земјоделски факултет при УГД- Штип

Најголем дел од житните култури традиционално се сеат во есен, бидејќи приносите се повисоки. Иако годишното производство достигнува околу 250 илјади тони пченица, тоа не е доволно за потребите на населението, па Македонија и понатаму увезува дополнителни количини.