Вучиќ: Не можам да ги соопштам имињата на 49-те помилувани лица, тоа е работа на надлежните органи

Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека не може да ги открие имињата на 49-те лица што ги помилувал пред да поднесе оставка од функцијата и ги повика надлежните државни институции да се изјаснат и да ја информираат јавноста за тоа прашање.
Во гостувањето во подкастот „Албатрос“, Вучиќ, одговарајќи на прашањето на новинарот Ненад Зориќ зошто имињата се чуваат во тајност, истакна дека документацијата им ја предал на надлежните органи и дека од нив треба да се побараат сите информации.
- Сè им предадов на надлежните државни органи, прашајте ги нив. Тие го проследуваат до Министерството за правда, односно до надлежните обвинителства, а ако станува збор за помилување, до надлежните судови, рече Вучиќ.
Тој ги отфрли шпекулациите дека меѓу помилуваните има познати личности, истакнувајќи дека станува збор главно за луѓе што не ги познава.
- Таму нема познати лица, можеби едно или две, а сите останати се, во најголем дел, луѓе што не ми се познати, наведе тој, додавајќи дека е можно да имало процедурални проблеми или да постојат законски пречки за донесување одредени одлуки.
Од српското министерство за правда претходно за агенцијата Бета изјавија дека поранешниот претседател Александар Вучиќ сам ги избрал 49-те лица за помилување и дека Министерството нема да учествува во постапката за нивно ослободување од кривична одговорност.
Изворот од Министерството за правда не можел да потврди дали била почитувана законската процедура при изборот.
- Не знаеме кого помилувал Вучиќ. Тоа беше одлука на поранешниот претседател и нашето министерство нема да учествува во спроведувањето на таа одлука. Одлуките на Вучиќ сега треба да им бидат доставени на надлежните обвинителства и судови. Предметите во фаза на истрага или преземање доказни дејства треба да им бидат доставени на обвинителствата, а оние во фаза на судење или за кои веќе е донесена пресуда - на судовите. Потоа судот ќе го извести затворот, објасниле од Министерството.
Досега ниту едно обвинителство или суд не соопштиле дека ги добиле актите за помилувањата.
На 27 септември, откако поднесе оставка од претседателската функција, Вучиќ изјави дека помилувал 49 лица „и покрај мислењето на различни служби на Република Србија“.
- Од 49-те помилувани, 23 лица се поврзани со сите овие ужасни настани низ кои поминавме во последната година и пол. И покрај мислењето на дел од комисијата и мислењето на различни служби на Република Србија, безбедносните служби, донесов одлука да помилувам 12 лица од новосадската група, предводена од Мила Пајиќ, како што донесов одлука да помилувам 11 лица кои од другата страна учествувале во инцидентите против блокадерите. Значи, тоа се тие 23 лица, изјави тогаш Вучиќ.
МИА
Ново на Сител
-

УЈП почна да праќа решенија за неплатен данок за 2021 година
-

Oслободени двајцата обвинети за случајот со Пендиков
-

Мадрид: Промовирана книгата „Во срцето на Шпанија“ - Сведоштво за храброста на македонските доброволци
-

Мицкоски по Самитот: Се бориме да вратиме што беше продадено
-

Тема на денот со Саша Богдановиќ, претседател на Српска демократска лига
-

Мицкоски од Црна Гора: Одамна заслуживме да бидеме во ЕУ, но поради вештачки причини не ги почнавме преговорите
-

Евроамбасадорот Рокас очекува заедничка иднина со ЕУ и инвестиции во одбраната
-

По бегството во Бугарија, Ива Михаилова ќе се суди во отсуство
