За 10 години бројот на првачиња намален за 10 000
Помалку ученици, помалку паралелки, затворени училишта – вака утре започнува новата учебна година. За прв пат во училишните клупи ќе седнат 14 952 првачиња што е за околу 3000 помалку од лани. Трендот на опаѓање трае со години и ако во учебната 2016-2017 имало нешто повеќе од 23 000 првоодделенци, за 10 години тој број е намален за речиси 10 000.
- Трета година по ред, учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Целосно нови учебници во полн тираж се набавени за прво, втор и трето одделение, со оглед дека тоа се учебници во кои има и работни листови, како и за осмо одделение и за втор клас во гимназиско образование, каде ќе се учи по нови наставни програми, изјави Весна Јаневска, министер за образование и наука.
Постојаниот тренд на опаѓање на бројот на ученици е причина и за оптимизацијата во училиштата. Од утре ќе има 222 помалку паралелни во основно и 211 во средното обраование. Клуч на врата времено ќе има и во 26 рурални училишта и учениците ќе одат на настава во најблиските поголеми училишни објекти.
- Иако одредени политички субјекти се обидоа тоа да го претстават како страшен потег и крах на образованието, всушност е позитивна промена во интерес на учениците. Притоа, ниту еден редовно вработен наставник не е отпуштен од работа, изјави Јаневска.
Министерката информираше дека во 620 училишни објекти од вкупно 1023 во основното и средното образование ќе има едносменска настава. Исто така учебната година почнува и со ангажирани 1358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование. До 30-ти септември, пак, ќе трае владината одлука за намалени цени на училишниот прибор.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
