За 200 евра е зголемена платата на директорот на дирекцијата за заштита и спасување, вели ССМ
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување ќе зема повисока плата. Владата го зголемила коефициентот за пресметка од 2,24 на 2,55. Одлуката е објавена во Службен весник на почетокот на овој месец.
Од Владата за Сител велат „станува збор за одлука која се однесува само на една раководна позиција и има за цел да изврши усогласување на коефициентот со останатите“.
Од Сојузот на синдикати на Македонија веќе пресметаа дека по ново, месечните примања на директорот на ДЗС ќе надминат 105 илјади денари.
„Ако се има предвид дека основица за пресметка на плата на избрани и именувани е просечната плата за претходната година, тогаш моите скромни познавања од математика велат дека има 12.784 денари зголемување на плата или раст од 13,8%“, вели првиот човек на ССМ.
Трендафилов потенцира: „Секој заслужува зголемување на платата, но работниците заслужуваат повеќе од функционерите, а ако нема за зголемување на платите на работниците, како има за зголемување на платите на функционерите?“.
Во меѓувреме, критика пристигна од СДСМ. Оттаму велат народoт едвај преживува а власта ги покачува само платите на функционерите.
„Нема пари за плати на работниците ама има пари за поголеми плати на функцонерите од власта и тоа за 200 евра! Ова е срамно, дрско и безобразно. Мицкоски јавно ветуваше дека функционерските плати нема да се зголемат. Денес гледаме дека тое е уште едно едно од многуте негови лажни ветувања“ – Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
По одлука на Уставниот суд, пред две години платите на над илјада функционери пораснаа за 78%. Тогашната Влада на СДСМ најави дека веднаш ќе ги скрати платите, но речиси цела година не направи ништо. Коефициентите беа спуштени лани во Собранието, на три месеца пред изборите. За да се спречи повторно енормно зголемување на платите, пратениците ги намалија коефициентите и вторпат, во јануари годинава.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар