Македонија
23. August 2025 - 16:35

За младите да се задржат во општините мора активно да учествуваат во креирањето на локалните политики

Повеќе да се слуша гласот на младите и тие да станат активни чинители на политиките во една општина, а локалните самоуправи да ги имплементираат во своите програми нивните потреби, доколу сакаме да се стопира иселувањето.

Ова беше една од главните пораки која се упати на одбележувањето на првиот роденден од постоењето на Младинскиот центар во М. Брод. Младите бараат итно подобрување на квалитетот на животот.

„Може да се подобри ако сите се ангажираме и направиме нешто за нашето градче, кое ќе биде многу поатрактивно и младите ќе бидат многу позаинтересирани да се вклучат во креирањето на политиките, бидејќи посебно кај нас младите тоа станува многу незаинтересирано и мислам дека во тој аспект треба да се подобриме и да бидеме многу поактивни.

Зошто се случило тоа, како сте се довеле во една таква ситуација?

-Мислам дека тоа е поради околината, бидејќи сите создаваме некаков напон едни на други и едноставно сакаме да избегаме.

Да заминете од тука?

-Кој како, различно е за сите“, рече Ема Лозаноска, член на Младинскиот центар во М. Брод.

Како да се задржат младите тука?

-Па со многу повеќе културни настани, најпрво самото образование, отворање на вакви едукативни центри, како и многу поголема соработка со нив, како што напоменав едукативни програми, културни настани кои што ние настојуваме да се одржуваат. Едноставно места каде младите ќе можат да се изразат“, кажа Радмила Огненоска, член на Младинскиот центар во М. Брод.

Ова е еден од само 8-те вакви центри отворени од страна на општините низ Македонија кои помагаат младите да се изразувата слободно во повеќе сфери и да се слушнат нвините мислење.

„Во текот на целата година бевме отворени околу 770 часови, каде што нѐ посетија вкупно 680 млади, тоа се редовни учесници кои доаѓаат речиси секој ден. Тука може да се приклучат сите млади од 15 до 29 години“, кажа Елена Крстеска Ангелова, координатор на Младинскиот центар.

„Младинскиот центар е баш добра прилика за младите сами да се изразуваат, да ги прошируваат своите мислења, да учат нешто ново“, вели Ева Лозаноска, член на Младинскиот центар во М. Брод.

„Да има комуникација помеѓу младите, да имаат тие можност да се изразат“, додаде Борјан Симески, член на Младинскиот центар во М. Брод.

И градоначалниот на Општина М. Брод вели дека единствен начин да се задржат младите во своите општини е да им се даде поголема вклученост во креирањето на политиките.

„Младите мора да бидат дел од нашата заедница и мора нивниот глас да се слушне. Планираме во иднина овој младински клуб да прерасне во еден бизнис инкубатор, каде младите ќе ги развиваат своите бизнис идеи, предлози за бизнис идеи. Во нашиот локален буџет исто така ќе издвоиме определени финансиски средства кои ќе можат да го помагаат развивањето на овие бизнис идеи“, кажа Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.

Доколку општините не ги вклучат активно младите во носењето на одлуките во локалните самоуправи масовната миграција, особено од помалите средини ќе продолжи и понатаму.