За Велигден Дојран полн со туристи
Велигден го наполни Дојран. Голем број туристи најголемиот христијански празник ќе го поминат токму во овој туристички центар. Според проценките, неколку илјади посетители викендов престојуваат во градот, а раздвиженоста се чувствува насекаде , од шеталиштата до угостителските објекти.
Од локалната самоуправа информираат дека сместувачките капацитети се целосно исполнети. Полни се хотелите, но и приватното сместување, особено викенд куќите кои традиционално се најбарани во овој период од годината.
Пријатната клима, како и богатата гастрономска понуда, се меѓу главните причини поради кои туристите одлучиле дел од празникот да го поминат токму на дојранското крајбрежје.
Како и вообичаено, најбројни се домашните туристи, но веќе е забележано присуството и на гости од соседните земји, особено транзит туристите.
Освен езерото, кое вообичаено е главна атракција, последните години се поголем интерес кај туристите привлекуваат и културно историските знаменитости, како што се саат кулата, природнонаучниот музеј и турската бања. Сепак, во пресрет на Велигден, најголема посетеност бележи црквата Свети Илија каде верниците доаѓаат да ги одбележат празничните денови.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар
