Македонија
3. January 2021 - 16:51

Заев најавува продолжување на разговорите со Бугарија по празниците

Разговорите меѓу официјално Скопје и Софија продолжуваат веднаш по новогодишните празници, најавува премиерот Зоран Заев. Комуникацијата ќе се одвива преку воспоставениот формат меѓу специјалниот претставник Бучковски, министерот за надворешни работи Османи и бугарската шефица на дипломатијата Захариева. Заев во интервју за агенцијата МИА оценува дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за европските процеси, а изборите во Бугарија пак, не смеат да бидат пречка за решавање на разликите.

„И ние и бугарската страна имаме обврска за македонските и за бугарските граѓани да испорачаме европска иднина, но со почитување на европските вредности", вели премиерот во интервјуто.

Иако вели дека се бара вин-вин ситуација со Бугарија, Заев тврди дека македонскиот идентитет и јазик никогаш не биле на маса на преговори и разговори и никогаш нема да бидат. Премиерот очекува бугарската страна, како пријателски чин, да направи чисто признавање на македонскиот народ и јазик без какви било задршки, уцени и резерви.

“Може ли некој да се дефинира себеси како повеќе или помалку Македонец? Не, тоа не е можно, оттука ирационално е какво било преговарање околу нашите идентитетски обележја кои се директно поврзани со нашите чувства и права на самоопределување“, коментира премиерот.

Заев смета дека секоа одлагање на стартот на преговорите го доведува во прашање кредибилитетот на Унијата и дека државата губи драгоцено време. Сепак, премиерот вели дека владата ќе биде активна државата да влезе во ЕУ и оставрувањето на евриопските стандарди.

„Нема да дозволиме во некои крчми и низ кулоари да ни ја раскрчмат татковината. Не, денеска таа е заштитена од НАТО и конечно оваа држава има имотен лист. Таа битка ја водам затоа што тоа е наша, заедничка битка за која се едногласни сите граѓани на нашата земја, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и сите останати", порачува Заев.

Од европските власти очекува да покажат дека проширувањето на ЕУ не е мртов процес за западен Балкан. Обвинува дека опозицијата не се однесува најконструктивно во процесите поврзани со Бугарија. Ја отфрла идејата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за нов договор со Софија бидејки смета дека постојниот е добар.

“Хистерично тврдеа дека јас, како претседател на Владата ќе сум одел во Софија за време на еден од викендите во декември за да сум ја распарчувал земјата. Ниту бев тогаш во Софија, ниту некогаш би отишол со таа цел, ниту Северна Македонија е распарчена. Распарчени и разобличени се нивните лаги...Горат од желба Северна Македонија да не успее, ама тоа задоволство нема да го доживеат.“, вели Заев.

За доближаните рејтинзи со опозицијата Заев коментира дека изборите се најрелевантна анкета за политичкиот натпревар, а тие донеле три победа на СДСМ за три години. Но, премиерот го офрла барањето за предвремени избори.

“Нема предвремени избори и нема да има неосновано изнудување на оставка на Владата. Нема ниту потреба, ниту логика за оставки. Таквата постапка би била изневерување на сите што дадоа поддршка за европската агенда на земјата. Владата е стабилна, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот“, коментира Заев.

Тврди дека пописот ќе биде статистичка, а не политичка операција како што очекувала опозицијата. Иако најавува намалување на јавната администрација Заев тврди дека нема да има отпуштања поради реваншизам туку длабока реформа во администрацијата.