Загрижувачки податоци - опаѓа процентот на вакцинирани деца од морбили, опасност од можна појава на епидемија
Годишно по најмалку 4000 деца не ја примаат МРП вакцината во Македонија. Процентот на имунизација за морбили рубеола и перотит за 5 години е намален за 10 отсто и изнесува 82 проценти. Ваквата состојба ги загрижува здравствените власти, по предупредувањето од СЗО за ширењето на малите сипаници во Европа, а неколку држави прогласија и епидемија. За да се има колективен имунитет потребно е над 95 насто од децата да бидат заштитени. Според надлежните падот на имунизацијата се должи на антивакциналните кампањи и одлуката на родителите да го одложуваат вакцинирањето.
-Родителите читаат несоодветни веб страници и се шират информации на социјалните мрежи во меѓусебна комуникација дека МРП вакцината може да предизвика аутизам што апсолутно не е точно и научно е докажано, вели д-р Јованка Костовска, државен советник во министерството за здравство.
Последната епидемија на морбили во Македонија е регистрирана во 2010, кога имавме околу 900 заболени лица. Во моментот нема ниту еден случај , но доколку се појави болеста многу брзо може да се рашири и да добие епидемиски размери.
-Малите сипаници се многу заразни и брзо се шират. Еден случај за кратко време може брзо да се рашири, па од тие 10 да имаме 50 па 100 случаи за кратко време, додаде д-р Костовска.
Лекарите предупредуваат дека малите сипаници можат да предизвикаат воспаление на белите дробови, менингит и да бидат фатални.
Според податоците од министерството за здарвство пред да биде воведена вакцината против морбили во 1972, годишно имало околу 10.000 заболени и десетици смртни случаи од мали сипаници.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
