Македонија
13. March 2026 - 16:29

Закани за бомби и убиства во медицинското училиште во Тетово – приведен 18-годишник

Полицијата уапси 18-годишник од тетовска Палатица кој се заканувал дека ќе постави бомби и ќе изврши убиства во средното медицинско училиште во Тетово. Случајот вчера го пријавиле професори од училиштето „Никола Штејн“,  кои добиле информации од родители дека М.Р испраќал заканувачки пораки до учениците.

18-годишникот според информации од полицијата, не бил ученик во медицинското училиште, туку посетувал настава во тетовската гимназија. 

По претрес во неговиот дом, полицијата пронашла предмети за кои постоело сомнение дека поткнуваат од кривично дело. 

Ова не е изолиран случај. Пред неполн месец 20-годишник од Мала Речица преку социјалната апликација „Дискорд“ се закануваше дека ќе изврши масовно убиство. Алармот тогаш го вклучи американското Федерално биро за истраги (ФБИ) кое ја детектирало ваквата закана на интернет и преку амбасадата на САД во земјава ја информирала нашата полиција. Инспирација за заканите му бил настан во САД од 2012-та кога момче на негова возраст уби 26 лица, од кои 20 деца. 

Во координирана акција на полицијата и обвинителството за гонење организиран криминал, специјалната единица Тигар во претресот на неговиот дом пронајде цел арсенал оружје. И кај членови на неговото потесно семјство е пронајдено оружје. 20-годишникот ќе одговара за тероризам, а неговиот дедо за недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.