Македонија
20. January 2021 - 16:34

Законот за попис заглави во партиските процедури за обезбедување мнозинство

Расправата заврши уште во петокот, гласовите се обезбедени од СДСМ, ДУИ и опозициските Алтернатива и Алијанса, но законот за попис никако да се донесе иако до планираната статистичка операција има само два месеци.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која не ја поддржува статистичката операција што ја навува власта се сомневаат дека коалициските СДСМ и ДУИ преговараат за пописните резултати.

Од владејачката СДСМ немаат одговор зошто уште не се гласа, но отфрлаат  какво било преговарање со албанскиот партнер за процентот на Албанци во државата пред самиот попис.

Од ДУИ пак, иако велат дека бил изнуден одговорот дека не би признале попис што би покажал дека процентот на Албанци во државата е под 20 отсто, сепак сметаат дека бројот на припадници на оваа етничка заедница секако е поголем од рамковниот праг.

Од кабинетот на собранискиот спикер Џафери, надлежен за седниците нема одговор зошто не закажува продолжување на седницата за гласање на законот за попис. Неофицијално тоа ќе се случи утре.