Законот за правична застапеност го помина владиниот филтер – на ред е Собранието
Поголема правична застапеност, но и подобар квалитет на работата на администрацијата и јавниот сектор. Вакви очекувања има Владата од новиот Закон за правична застапеност кој вчера го помина владиниот филтер, а доби зелено светло и од Венецијанската комисија и кој во наредниот период ќе биде испратен во Собранието, каде пратениците со Бадентер ќе треба да го донесат.
- Јас мислам дека со овој Закон за правична застапеност конечно ќе се надминат сите стереотипи од минатото, сите антиуставни елементи и сето она што претставуваше камен на сопнување, конечно се нуди решение кое ќе ги реши овие проблеми и да можеме сите заедно правично застапени да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија, рече премиерот Мицкоски.
Албанскиот политички партнер во Владата задоволен. Од ВРЕДИ велат дека правичната застапеност не може да се одржува со импровизации и половични решенија.
-Овој закон воведува ред таму каде што со години владееше нејасност, воспоставува механизми за спроведување и предвидува координативно тело, предводено од вицепремиер, како гаранција дека правото на Албанците за правична и соодветна застапеност повеќе нема да биде занемарено. Фактот што законот е изработен и во согласност со забелешките на Венецијанската комисија дополнително ја зацврстува оваа одлука, велат од ВРЕДИ.
На Закон за правична застапеност се чека година и половина, откако Уставниот суд „ја бутна“ алатката Балансер за која постојано имаше критики дека се злоупотребува при вработувањето на државно.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
