Законот за заштита од пушење на цигари веќе е во собраниска процедура
Заштита на здравјето на населението, особено на децата и младите. Со ова барање, здравствените власти очекуваат пратениците без проблем да го изгласаат законот за заштита од употреба на тутун или сродни прозиводи. Предлог законското решение денеска го помина првото читање на комисиите за здравство и законодавно правната. Во Собранието е доставен со европско знаменце, но во редовна процедура.
-Потребата од ново законско решение произлегува од потребата да се обезбеди посеопфатна и поефикасна заштита на здравјето на граѓаните особено на децата и младите како и обврската за усогласување со европското законодавство и со рамковната конвенција на Светската здравствена организација за контрола на тутунот, изјави Јовица Андовски, заменик министер за здравство.
Алармантните бројки од над 45 проценти пушачи во земјата но и високиот процент кај тинејџери кои користат тутун и никотински производи се едни од главните причини за сонесување на законот кој за разлика од претходниот има построга регулатива.
-Пушењето е поврзано со повеќе од една третина од сите случаи на карционом на бели дробови и значителен дел од кардиоваскуларните болести. Намалувањето на пушењето води кон помал број на боледувања, повисока работна ефикасност и подолг животен век на активното население, вели Андовски.
По поминување на сите собраниски филтри и стапувањето во сила, законот ќе значи забрана не само за класичните туку и за електронските цигари и сите производи кои содржат никотин и тутун. Не смее да се пуши во јавни институции, приватни фирми, образновни установи, автобуски и железнички станици но и во автомобил ако има малолетно дете.
Нема да има ниту рекламирање на тутунски производи а угостителите ќе имаат рок од една година да ги прилагодат терасите со најмалку две отворени страни.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
