Запален автомобилот кој го користел градоначалникот на Шутка
Автомобилот кој го користел градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, утрово околу 4 часот бил запален. Според полицискиот билтен, постојат снимки од безбедносни камери кои покажале маскирано лице кое истура запалива течност врз возилото, по што веднаш избувнува пожар. Но, засега нема информации дали лицето е идентификувано. Возилото според полицијата е во сопственост на неговата сопруга.
- На 17.03.2026 во 03:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари било опожарено патничко возило „ренџ ровер“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ф.О.(37) од Скопје. Според пријавеното, сопствениците на безбедносните камери забележале едно маскирано лице кое истурило течност на возилото, по што веднаш се запалило возилото.
Се обидовме да стапиме во контакт со Дудуш и неговата сопруга, но не одговараат ниту на повиците, ниту на пораките. Нема информации дали тие се сомневаат или имале закани од некого претходно.
Опожарениот „ренџ ровер“ кој според полицијата е во сопстевност на сопругата на градоначалникот, не е пријавен во анкетните листови за имотната состојба на двајцата. Според најновите податоци во Антикорупциска од декември лани, Курто Дудуш поседува само земјиште и куќа на негово име.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
