Запалени четири балкански цркви во дијаспората
Четири православни Цркви на три континенти изгореа за Велигден. Причинета е голема материјална штета, но за среќа нема жртви. При гаснењето на огнот во македонската црква во Австралија повредени се тројца пожарникари.
Токму од македонската православна црква Христовото Воскресение која се наоѓа во Рокдеј, Сиднеј почна серијата пожари во православни храмови на најголемиот христијански празник. Во непосредна близина има Дом за стари лица кој навреме бил еевакуиран. Акцијата за гаснење на огнот траела неколку часа, биле вклучени 60 пожарникари. Засега не се знае причината, а австралиската полиција истражува дали пожарот бил подметнат.
Во Мелбурн истиот ден горел и храмот „Благовештение“ на Грчката Православна црква. Огнот бил изгаснат за 30-тина минути, но од пламените јазици биле оштетени ѕидовите, кровот и иконите.
Најстрашен бил пожарот во Српската православна црква Свети Сава која се наоѓа на Менхетен. Ова е најголемата црква на СПЦ во Њујорк. Храмот е изграден пред 160 години.
На Велигден пожар го зафати и едно од најголемите руски светилишта манастирот Валаан во Северна Русија. Огнот избувнал во зимскиот конак кој се наоѓа веднаш до црквата. Во пожарот нема повредни, а биле евакуирани 70 луѓе. Во гаснењето на огнот биле вклучени и хеликоптери.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
