Затворска казна до три месеци или парична казна од 300 евра за паркирање приколки или кампери на јавни простори во Грција
Забрана за поставување шатори и паркирање приколки, полуприколки и кампери на археолошки локалитети, крајбрежни делови, плажи, на рабови на јавни шуми и општо на јавни простори, предвидува меѓу другото, закон што од јануари годинава е во сила во Грција, а во спротивно предвидени се казни, јави дописничката на МИА од Атина.
За прекршувањето на законот предвидена е казна затвор до три месеци или парична казна од 300 евра по лице или по шатор или по превозно средство, изречена од полицијата или крајбрежната служба што го потврдува прекршокот.
– При контрола од страна на мешани тимови, казната ја изрекува полицаецот кој бил присутен за време на проверката. При паркирање на горенаведените возила, онаму каде што е дозволено согласно Законот за безбедност во сообраќајот, не е дозволено да се зафаќа дополнителен простор за возилото, пишува во конкретниот член од законот.
Исто така забрането е бесплатното сместување на повеќе од еден кампер од страна на приватни лица.
Законот иако беше изгласан на крајот на јануари, во Грција се актуализираше во изминатите денови откако минатиот викенд на Пелопонез тројца кампери добиле казната од 300 евра за непрописно паркирање на бесплатен јавен општински паркинг на кој, според медиумите, немало никаква ознака со која се забранува паркирање на кампери во оваа област.
За случајот реагираа од Грчкиот клуб на кампери, со оглед на тоа што казнетите се нивни членови, а Управниот одбор одлучил во соработка со правниот застапник да изготват писмо до надлежните министри за туризам и транспорт со барање за дополнително појаснување на спорниот член 27 од законот, а прашањето ќе го покренат и во Парламентот.
Дополнително, врз основа на одговорите што ќе ги добијат, ќе ги одредат нивните следни чекори и доколку е потребно ќе свикаат и вонредно Генерално собрание.
Ново на Сител
-
Пожар во парк-шумата Гази Баба | ВИДЕО
-
Кремљ по одлуката на Трамп да испрати оружје за Украина: САД и Европа ја избраа војната
-
Крадец од струмичко пукал кон полицијата, па бил ранет при приведувањето
-
Јулски снег во Словенија
-
Триесет и девет еколошки организации бараат од УНЕСКО да го стави Охридскиот регион на Листата светски наследства во опасност
-
Германија ја обвини Кина дека употребила ласер врз германски авион
-
Над 6.600 учесници тргнаа кон Поточари во Маршот на мирот по повод 30 години од геноцидот во Сребреница
-
До 12:30 часот девет активни пожари, еден локализиран