Македонија
18. April 2016 - 16:33

Здравствената станица во ќелезара заживува по реконструкцијата и новата медицинска опрема

Новите апарати, современата лабораториска опрема и  подобрените услови со реконструкцијата за две години речиси двојно го зголемија бројот на пациенти во Здравствената станица во Железара.

-Со овие набавки двојно е зголемен бројот на испитувања кои може да се прават во оваа установа. Бројот на прегледи континуирано расте и во делот на лабораторијата, но и во делот на специјалистички услуги. Вкупниот број услуги од 2014 година изнесувал околу 21 илјада, а минатата година се реализирани над 29 илјади прегледи, што значи имаме сериозен раст на бројот на услуги кои се даваат во оваа здравствена установа. Тоа е веројатно резултат на посветениот и стручен кадар и на новите реновирани простории и апаратура кои се ставаат  комплетно во функција на граѓаните кои живеат во овој дел на градот, рече Никола Тодоров, министер за здравство.

Директорката на здравствената установа вели дека имаат голем број специјалистички кабинети со што значително е намалено времето на чекање.

- Континуирано се трудиме да се подобрат условите во секој поглед. Со „Мој термин“ ја имаме зголемено бројката на здравствени услуги за 40 проценти. Условите за хигиена се максимално подигнати. Постојано воведуваме нови методи, набавуваме нова опрема во рамките на нашите можности и со помош на Министерството за здравство, рече д-р Оливера Давчева, директор на Здравствената станица Железара.

Неодамна во станицата во Железара почна да функционира и новиот дигитален рентген апарат и биохемискит анализатор во нивната лабораторија.