Свет
29. April 2026 - 8:09

Зеленски: Украина ќе извезува оружје

Украина се подготвува за извоз на оружје бидејќи земјата произведува повеќе отколку што им е потребно на нејзините вооружени сили, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Во одредени производствени сегменти во моментов имаме до 50 проценти вишок“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање.

„Извозот на украинско оружје ќе стане реалност. Украинската армија секогаш ќе има приоритет и доволно снабдување – ќе земе се што и е потребно, а количините над тоа ќе одат за извоз.“

Зеленски посочи дека Украина веќе соработува со земји од Блискиот Исток, Европа и Кавказ во рамки на посебен формат на соработка познат како „договори за дронови“. „На маса е и предлог за нашите американски партнери“, додаде тој.

Договорот би можел да опфати извоз на дронови, одбранбени системи и други видови оружје и се смета за начин за зајакнување на финансиската состојба на земјата.

„Ќе повторам, условите мора да бидат поволни за Украина, мора да има јасен надзор, а приходите од извозот треба да ја зајакнат украинската одбрана. Така и ќе биде“, изјави Зеленски.

Украина значително го зголеми производството на оружје откако Русија ја започна воената интервенција пред повеќе од четири години.

МИА

Ново на Сител