Зеленски: Утре нови преговори со Русија, можно е планирање средба со Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека следната рунда мировни преговори меѓу Киев и Москва е закажана за утре и дека Украина ќе инсистира на размена на воени заробеници, враќање на украински деца однесени во Русија и подготовка на состанок меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин.
– Со секретарот на Советот за национална безбедност Рустем Умеров разговарав за подготовка на нова размена на заробеници и за нова средба со руската страна во Турција. Умеров ми рече дека средбата е планирана за утре, изјави Зеленски во своето редовно видеообраќање на социјалните мрежи.
Претходно денеска, тој им се обрати и на шефовите на украинските дипломатски мисии во странство, нагласувајќи дека „потребна е поголема динамика во мировните преговори“. Според него, „вистински ефикасни разговори може да се водат само на ниво на лидери“.
Зеленски нагласи дека украинската страна има јасен дневен ред: враќање на заробеници, враќање на украинските деца киднапирани од Русија и подготовка на состанок меѓу претседателите на двете држави. Тој ги повика дипломатите да ги информираат земјите домаќини за овие цели и да обезбедат политичка поддршка за Украина.
Последните две средби во Истанбул меѓу руските и украинските делегации, одржани под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп, не донесоа значителен напредок кон прекин на огнот, освен размена на заробеници и тела на загинати војници.
На претходната рунда преговори во јуни, Москва повторно излезе со максималистички барања – Украина да се откаже од четири области освен веќе анектираниот Крим, како и од западната воена помош и членството во НАТО. Киев ги отфрли условите како „ултиматуми“ и се посомнева во искреноста на Русија да постигне вистински мировен договор.
Сепак, Москва изјави дека останува отворена за разговори, откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ даде рок од 50 дена да постигне договор под закана од нови санкции. Паралелно, Вашингтон најави обновување на испораките на оружје за Украина.
МИА
Ново на Сител
-

Канал 12: Напнат разговор меѓу Нетанјаху и Трамп околу израелските напади врз Бејрут
-

Собир на граѓани го блокира сообраќајот на „Бутелска“
-

Антонио Кошта пристигна во Скопје
-

Во Вашингтон нова рунда директни преговори помеѓу Израел и Либан
-

Најмалку 16 луѓе повредени во невреме во Јапонија
-

Приведен Стефан Богоев, поранешен градоначалник на Карпош и директор на Царина
-

Маж од Скопје изгубил 309.800 денари, измамен од лице кое требало да му посредува за кредит
-

Кривичнa за инвеститор и општинска инспекторка поради уривање на заштитен објект во Куманово, посветен на народниот херој Киро Фетак
