Македонија
8. March 2025 - 16:30

Жените од руралните средини како хероини

Деца, семејство, домаќинка, чистење, перење, готвење и одење на нива. Ова се првите стереотипни синоними кои асоциираат на тоа кога ќе се спомене рурална жена или жена која живее на село. Образование, лично надоградување и следење на соништата како да не треба да постојат за овие жени. Но за среќа овој менталитет кај нас започнува да се менува. Гордана Цветаноска е еден успешен пример за тоа. Живее на село, работи земјоделие, има сопствен бренд на производи, но од друга страна е и новинар кој со својата работа влијае врз развојот на локалната заедница.

Животот в село е посуров, но ако некој има амбиција, ако има некаква цел може да ја оствари, апсолутно не станува збор дека ќе има повеќе пречки отколку останатите, се зависи од амбициите кои човек ги има. Битно е да се има храброст, да се има доверба во себе и цврсто да се чекори по патот кој што сте го зацртале можеби како мало дете, како мало девојче, но никогаш да не се напушта, дури ни во услови кога имате милион пречки пред вас“, вели Гордана Цветаноска, новинар и жена земјоделец.

И Магдалена Трајкоска се уште живее на село, но го остварува секој дел од нејзиниот сон. Работи напорно земјоделие, но од друга страна е наставничка по информатика, во моментов го подготвува магистерскиот труд, а во план е и да докторира.

„Значи сакам да постигнам некоја цел и имам зацртано дека треба да постигнам некоја цел. Јас сметам дека во ова модерно време се искоренува тој стереотип. Кога се сака, се се можи и порака до сите жени кои живеат во рурална средина, главата горе, само храбро, јака самодоверба во самите себе, поставена цел, божја помош и се се постигнува, кога се сака се се може“, потеницираше Магдалена Трајкоска, наставник по информатика и жена земјоделец.

Катерина Арсова пак потекнува од рурална средина, но долго време не живее таму. Завршила факултет за наставници, моментално работи како медицинска сестра, а од пред 5 години е и директор во руска интеренационална компанија. Таа вели сите имаат еднакви шанси за успех доколку го сакаат тоа.

„Мислам дека жените во руралните средини воопшто не се чекор назад према другите градски средини, туку се чекор напред, затоа што во руралната средина кога си дете се учиш на дисциплина и на работа и тоа многу помага понатаму во животот. Децата кои растат во рурални средини се дисциплинирани, знаат како секој ден треба да работиш, од многу мали нозе тоа го учат и мислам дека се чекор напред, затоа што потоа секоја работа ја работат навистина добро. Мислам дека не е пречка она од каде си, туку што сакаш да бидеш, секако со поддршка на фамилијата, денес сите родители ги поддржуваат своите деца да се образоваат“, истакна Катерина Арсова, медицинска сестра.

Овие 3 локални хероини лично со својот избор на образование, работа и живот, сведочат дека не е важно од каде потекнуваш, туку колку сакаш да успееш. Секоја пречка се надминува со со упорност и поддршка од најблиската околина.