Жестока преписка меѓу Министерството за правда и Јавното Обвинителство
Ден по пресудата од Стразбур за Миле Јанакиевски, јавна конфронтација меѓу Министерството за правда и обвинителството. Од Правда бараат отчет за должината на истражните постапки кои ги води обвинителството и реагираат дека до Владата не е поднесен извештајот за 2022 за работата на обвинителството. Забелешките кои јавно ги изнесоа се однесуваат на роковите кои не се почитувале за водење на истрага, нешто што го нотирале повеќе меѓународни институции. Токму во овој дел велат нема информација ниту дали и колку дисциплински мерки биле изречени за обвинителите кои ги пробивале роковите.
-„ Податоците за времетраењето на истражните постапки се од круцијално значење, со оглед на фактот дека во праксата овие рокови јавните обвинители ги сметаат како инструктивни рокови кои не се почитуваат, а истрагите се одовлекуваат. За долгото времетраење и за неажурноста на истрагите е констатирано и во Извештајот на Стејт Департментот на САД за човекови права за 2021 година каде што се наведува дека во постапките пред Јавното обвинителство истрагите траеле долго и засегнатите страни не биле информирани за статусот на предметите. “, велат од Министерството за правда.
Обвинителот му возвраќа на министерот Лога, загриженоста за ефикасноста на постапките да ја преточи во квалитетни законски решенија. Преку соопштение, велат дека Министерството се повикува на критики кои биле за стар извештај од стејт департментот по кој, јавниот обвинител реагирал. Ланската година биле спроведени 90 истраги повеќе од претходната година, со што биле опфатени 1388 лица со постапка. Завршени биле 66 отсто од истрагите а за 1087 биле изготвени обвиненија.
– „Со оглед на континуираниот пад и на бројот на јавни обвинители во изминатите години, вкупниот прилив на предмети во јавните обвинителства воопшто не е за занемарување, односно во просек на годишно ниво секој јавен обвинител добил во работа по околу 170 нови предмети. Ако се има предвид обемот на работа и интензитетот на истражни дејствија што се преземаат во секој предмет поединечно, мора да се истакне фактот дека и покрај ограничената кадровска екипираност, јавните обвинителства не само што го совладуваат приливот на нови предмети на годишно ниво, туку и го намалуваат бројот на нерешени предмети на крајот на годината“, велат од Јавното Обвинителство.
Инаку, екс министерот Јанакиевски доби пресуда од судот за човекови права дека незаконски бил во притвор речиси 5 години за што ќе земе оштета од државата во висина од околу 4000евра. Од кривичен суд реагираа дека пресудата не се однесувала на тоа дали е оправдан притворот, туку критикувана била должината на жалбената постапка.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
