Жителите на Ново Село повеќе нема да патуваат и по 40 км за дежурен лекар
Жителите на општина Ново Село и селата под Беласица повеќе нема да патуваат и по 40 километри во еден правец за да добијат лекарска помош во итни случаи.
По пет години прекин, дежурната служба повторно е ставена во функција. Службата ќе функционира како дел од итната медицинска помош на здравствениот дом Струмица и ќе обезбедува континуирана здравствена грижа 24 часа.
Овој чекор се реализира со поддршка на владата и е дел од пошироката активност за доекипирање на ЈЗУ Здравен дом Струмица со медицински, техничко медицински и административен кадар.
Од Општина Ново Село нагласуваат дека овој чекор претставува трајно и системско решение, за разлика од претходните обиди кои биле инцидентни и краткорочни.
Со почетокот на новата учебна година, се очекува да започне со работа и стоматолошката служба во Здравствениот дом.
Според најавите, во наредниот период ќе следи и целосно реновирање на објектот, со цел да се создадат подобри услови како за пациентите, така и за вработените.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар