Македонија
25. September 2025 - 14:09

ЗОО Скопје: Ризикот од животинската туберкулоза за посетителите е многу низок

ЗОО Скопје информира дека неодамнешните информации за појава на животинска туберкулоза кај поединечни животни не претставуваат ризик за посетителите. Безбедноста на јавноста и грижата за животните остануваат врвен приоритет.

Туберкулозата кај животни не е нова појава и може да се сретне и во природата, парковите или игралиштата. Преносот на ова заболување од животни на луѓе е исклучително редок и бара долг и директен контакт со болни животни, што е невозможно за обичните посетители.

Вработените кои се во директен контакт со животните се редовно тестирани, а сите резултати до сега се негативни. Се преземаат строги ветеринарни и санитарни мерки, вклучително и редовна дезинфекција на живеалиштата, надзор и соодветен третман на сите сомнителни животни, како и поставување на дез бариери.

Превентивно, „Бејби ЗОО“ ќе биде изолирано и затворено за јавност поради ниските температури, но посетителите продолжуваат да се движат по безбедни патеки без близок контакт со животните.

Случаи на животинска туберкулоза се регистрирани и во други зоолошки градини низ светот, но тоа никогаш не претставувало ризик за јавноста.

ЗОО Скопје ќе продолжи редовно да ги известува граѓаните и да соработува со надлежните институции за превенција и контрола, обезбедувајќи позитивно и сигурно искуство за сите посетители и највисок степен на грижа за животните.