Македонија
8. February 2026 - 16:31

11.000 административци до 2028 година ќе имаат за 40% повисока плата

Синдикатите и Владата се договорија. 11 илјади административци ќе земат зголемување на платите од речиси 40% до 2028-ма. Вработените во државната управа, судовите и обвинителствата, годинава и наредните две години ќе добијат по 8% покачување плус усогласување со растот на минималната плата. За секоја институција ќе се потпишуваат поединечни колективни договори, а за спроведување на зголемувањето ќе бидат потребни околу 10 милиони евра годишно.

- Ќе имаме и поповолно право од тоа што е потпишано во општиот колективен договор, систем кој до 2028-ма ќе гарантира дека овие вработени ќе имаат достоинствени плати за работата што ја извршуваат – кажа претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски. 

- Сакам да кажам дека е ова историски момент и голема благодарност за премиерот кој имаше разбирање во каква ситуација се наоѓаат тие вработени – рече Благоја Ралповски од КСС.

- Ние сме подготвени како Влада да седнеме и во овој период до 2028 година се разбира очекувам тоа да биде во пократок период заедно со двата репрезентативни синдикати во случајов ССМ и КСС да седнеме и да испреговараме еден нов општ колективен договор којшто ќе биде единствена алатка врз основа на која ќе бидат исплаќани платите – истакна премиерот Мицкоски. 

За функционерските плати да не пораснат над 200 евра, Мицкоски најави дека повторно ќе се спуштаат коефициентите за пресметка. Ова ќе биде трето намалување на бодот за сложеност откако Уставниот суд ја одмрзна основницата и сега како расте просечната, така енормно растат и платите на над илјада функционери секоја година. 

- Ние не можеме да ги замрземе бидејќи повторно ќе имаме одлука на Уставниот суд која ќе биде во насока на таа претходната, но можеме да ги намалиме, и тоа и ќе го направиме. Тоа ќе повлече нови судски процеси кои ги прават сега судиите и обвинителите, бидејќи и тие спаѓаат во тие коеифциенти за избрани и именувани лица, тоа ќе покрене нови судски процеси пред Уставниот суд, но тоа е што е. Не може се да биде идеално – изјави премиерот.

Владата не отстапува од ставот дека минималната плата во март ќе се зголеми како што предвидува законот, односно за околу 25 евра. За Мицкоски е неприфатливо државата да ги субвенционира придонесите за минималец од 600 евра, оценувајќи дека бизнис-секторот веќе добил значајна поддршка преку низа економски мерки.

Од друга страна, пак, синдикатите не се откажуваат од зголемување и на минималната и на сите останати плати. Поради тоа влезовите на Собранието ќе бидат блокирани во вторник од 9 часот наутро.