1.118 матуранти неделава повторно на „жешките“ столчиња
1.118 матуранти неделава повторно на „жешките“ столчиња. Некои повторно ќе полагаат бидејќи ги фатиле како препишуваат, другите поради тоа што не успеале да се појават на испитниот рок во јуни.
„Првиот ден, на 12 август ќе се појават 586 ученици. Тоа се ученици кои не го положиле задолжителниот предмет мајчин јазик, било македонски, албански или турски јазик. Додека пак на 14 август полагаат 810 ученици и полагаат англиски јазик, математика, германски јазик, француски јазик и естетика, изјави директорката на Државниот испитен центар.
Иако бројот на ученици е значително помал на оние кои полагаа државна матура во јуни, сепак правилата се исти. Повторно ќе се полага во амфитеатрите на факултетите.
„Согласно правилникот, учениците ќе полагаат во голем простор. Така што сега сите ќе бидат во амфитеатрите на факултетите“, додаде директорката на ДИЦ.
Во меѓувреме, 20 денови пред почетокот на учебнаата година, МОН прави напори да воведе едносменска настава во што повеќе училишта.
„Веќе во 150 училишта има едносменска настава, таму поминавме без или со многу малку градежни интервенции. Со пет сигурно почнуваме, почнуваме и во општина Ѓорче Петров и во Карпош и други. Оваа година, очекувам да започнеме работи во 25 училишта, ќе бидат подолготрајни и ќе преминат во следната година“, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Едносменската настава е поврзана со процесот на оптимизација, кој е долг, па министерката не очекува до крајот на мандатот во сите училишта овој процес да биде заокружен. Работа ќе има и нејзиниот наследник.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар