Македонија
5. November 2020 - 16:39

12 медицински лица од струмичката болница во изолација поради Ковид-19

Дванаест медицински лица, меѓу кои доктори и медицински сестри од струмичката болница се наоѓаат во изолација. Кај сите нив било потврдено дека се позитивни на корона вирусот. Дел имаат лесна клиничка слика, а дел се асимптоматски. Ваквата состојба дополнително го отежнува работењето на болницата и го става во неизвесност отварањето на дополнителниот оддел што се подготвува во новото крило.

„Имаме 12 души, како доктори, така и сестри и друг медицински персонал кои што се во изолација. Заради позитивност на ПЦР ковид тестот се изолирани во домашни услови. Некои имаат лесна клиничка слика, примаат терапија, а некои се асимптоматски,  ама заради позитивноста на ковид тестот се изолирани во домашни услови. Новиот дел ќе зависи од персоналот кој што ќе го имаме дали ќе може ако ги преселиме таму  во тој дел пациентите. Треба да ни дозволат да направиме прием на персонал, сестри и доктори за да може некој да работи таму,“ вели д-р Наќе Гогов директор на Општа болница Струмица.

Во моментов во болницата има околу 90 пациенти. Дел од нив се хоспитализирани, а дел примаат терапија на дневна болница.

„37 се хоспитализирани, значи се лекуваат во болницата, а 51 се на дневна болница, си доаѓаат на дневна болница со примање на терапијата.“вели д-р Гогов.

Според последните податоци во струмичкиот регион има 586 активни случаи на корона вирус. Пред два дена само во едно деноноќие беа регистрирани и шест смртни случаи.