Македонија
31. March 2016 - 16:59

165 лекови од утре поевтини во аптеките деветто намалување на лековите

Антибиотици, лекови за притисок, карцином, дијабетес,против депресија...Од утре поевтинуваат уште 165 лекови.  Ова е деветто по ред намалување на цената на лековите. Само со последната корекција граѓаните и болниците ќе заштедат околу 653.000 евра.

- Досега со осумте претходни намалувања на цените на лековите заштедени се над 33 милиони евра во здравствениот систем. Дел од тие средства, посочи, се заштедени од страна на јавните здравствени установи и здравството генерално како сектор, а дел се заштеда на граѓаните преку намалување на цените на лековите во аптеките.Оваа системска мерка која ја имаме воведено како Влада ќе продолжи да се имплементира и во наредниот период, што значи дека во октомври ќе следи и нова ревизија, а се надевам и ново десетто по ред намалување на цените на лековите, изјави Никола Тодоров,министер за здравство.

Најголема корекција на цената има кај панцефот. Овој антибиотик досега се продаваше за 1229, а од утре ќе чини 761 денар. Само од едно пакување граѓаните заштедуваат 468 денари. Во аптеките по пониска цена ќе има терапија за сите заболувања.

- Цената на рамиприл е намалена за 50 отсто, а на валсартан за 40 отсто. Намалување на цената за 15 отсто има и кај хиконцил, тоа е амоксицилин по генеричко име, значи антибиотик. Има големо намалување на цената кај лековите мирзатен и велафакс кои се користат за третман на депресија. Што се однесува до болничките лекови има намалување на цената на флударабин (за третман на хронична леукемија), топотекан (за третман на карцином на јајници и грло на матка), ликсумиа (раствор за инјектирање за дијабетес мелитус тип 2). Се намалува и цената на сандостатин лар (хормон за раст), еилеа (лек за макуларна дегенерација во офталмологијата)...,изјави м-р Марија Дарковска Серафимовска, директор на Агенцијата за лекови.

Од 2012 година досега, два или повеќе пати поефтинија  над 4800 лекови.