Македонија
31. July 2026 - 16:28

Таргетирана помош за најранливите наместо замрзнување на цените за сите, предлага ССК

Високите цени на горивата ги зголемуваат производствените и транспортните трошоци на компаниите. Претседателот на Сојузот на стопански комори вели дека просторот за реакција е сè помал поради нестабилната геополитичка состојба и честите осцилации на светските берзи. Според него, и покрај ваквите притисоци, компаниите досега успеале да избегнат поголеми поскапувања на прехранбените производи.

„Потребно е константно тоа да се следи, буквално на дневна основа, на просечна основа да се носат соодветни одлуки и реакции за да се овозможи поголем простор за нормално функционирање на бизнисот. Верувајте, сите бизнисмени се под голем притисок, односно во вакви силни, динамични потреси“, вели Ѓорѓиевски. 

Ѓорѓиевски предлага таргетирана помош за најранливите категории граѓани. Вели најпрво треба прецизно да се утврдат категориите, а потоа поддршката да биде насочена директно кон нив преку ваучери или социјални картички.

„Поддршка за целни групи, тоа се дел од активностите што може да се преземат. Тогаш може да се влијае во однос на даден сегмент, и ваучери коишто би купиле соодветен дел од прехранбените производи коишто ќе бидат со најниски цени, а не сега ние сите производи, ајде да ги намалуваме, да бидат најниска продажна цена, што е несериозен пристап, затоа што тешко се повредува бизнисот. Не се согласувам дека треба да се удри целата индустрија да имаат пониски цени во услови кога даден сегмент од населението немаат никакви проблеми да си ги платат производите со полна цена“, изјави тој. 

Во меѓувреме, суровата нафта од типот брент и денеска се тргува за над 90 долари по барел. Во понеделник ќе се прават анализи за движењето на цените во втората половина од месецов. Тогаш ќе се пресметува и дали ќе остане само сегашната мерка, односно намалена акциза за бензините од 1 денар и за дизелот од 2 денари или ќе се оди на дополнително намалување. Опција е спуштање на ДДВ-то. Регулаторна ќе носи цена во вторник, затоа што понеделник е неработен ден. 

Со моменталните цени, Македонија е втора земја во регионот со најевтин бензин, а прва, заедно со Босна и Херцеговина, со најниска цена на дизелот. 

Од СДСМ, пак, предупредуваат дека граѓаните ги очекува тешка есен. Според опозициската партија, најголем удар врз семејните буџети ќе има во септември, кога покрај редовните трошоци ќе започнат и подготовките за новата учебна година.