Македонија
5. November 2026 - 16:42

Турканици, нервози и расправии пред Алта банка во Битола – по 20.000 денари од шалтер подигнуваа тие кои добиле порака

Гужви, турканици, нервози и расправии. Вака денеска беше сликата пред главната филијала на Алта банка  во Битола каде се одвиваше шалтерска платежна исплата на клиентите кои немаат картички за на банкомат. На коминтентите на банката им се исплаќаше по 20.000 денари, а наредни пари повторно ќе може да извадат по 2 недели, и тоа повторно само 20.000 денари. Денеска пари можеа да подигнат граѓаните кои добиле порака на телефон од банката.
 
„Внатре нема гужва, се оди нормално со контрола на лична карта по пораката и те пуштаат на шалтер.
Кога ви стигна пораката вас?
Вчера.
За денес да подигнете пари?
Да.
Наредна транша од 20.000 денари кога можете да подигнете?
По 2 недели мислам“, вели еден граѓанин кој подигна денеска пари од банката.

„20.000 денари, а 24.000 ми е пензијата.
Ова важи за две недели?
Да, по две недели ми рекоа уште 4.000“, додаде друга граѓанка.

„Да, зедов 20.000, остатокот не, по 20 само“, изјави трет клиент на банката.

Но пред банката имаше и граѓани кои не добиле порака, а исто така чекаа да си ги подигнат пари во страв дека нема да може да си ја земат социјалната помош или пензијата. На некои од постарите граѓаните поради гужвите им се слоши, па мораше да биде повикана и Итна Помош. 

„За наши пари умираат луѓето, еве паѓаат, сега жена падна тука. Ја зедоа вода ѝ дадоа, од таа страна не се гледа од народ. Рекле дека е со пораки, а стари луѓе по 90 години кој знае да прочита на телефон дали има порака или нема, а дали има и телефон“, кажа една жена која чекаше во редицата.

„Не ми треба порака, туку да ми дадат одјава и јас да си заминам во друга банка и да ме малтретираат овде вака“, додаде друг граѓанин кој исто така беше тука од утринските часови.

„Од пензијата тие што сме не можеме да си ги земиме, малку, малку. И картичка имаме, сега мажот ми појде со картичката ако има, оти немаше ни во банкоматот пари“, вели една од битолчанка која исто чекаше пред банката.

„Имам картичка ама не го знам пинот.
Добивте порака или така чекате?
Не, не добив порака, одвај дојдов, сега ако ме вратат... трет пат идам“, рече друга клиентка на банката.

Од Алта банка известуваат дека во тек биле подготовки за овозможување исплата и во други градови низ земјата, за што дополнително и навремено ќе ги известиле клиентите.