Рокас: Овој извештај е подобар од претходниот, Мицкоски бара фер европски процес
Нема назадување во ниту една област во извештајот за напредокот на Македонија. Премиерот Мицкоски позитивно го оцени последниот извештај на Европската комисија, кој е подобар од ланскиот. Според него, Македонија е меѓу земјите со најдобри резултати во спроведувањето на Планот за раст.
Но, и покрај постигнатите резултати, европскиот пат останува условен од уставните измени. Мицкоски смета дека поради, како што рече, егзибиционизмот на претходната власт, Македонија денес има политички хендикеп и дополнителен услов за почеток на преговорите. Порача дека членството во ЕУ останува приоритет, но дека земјата не бара привилегии, туку напредокот да се вреднува според постигнатите резултати.
Извештајот за напредокот на Македонија е подобар од минатогодишниот, оцени и евроамбасадорот Рокас. Според него, земјата бележи значителни резултати во дигитализацијата, образованието и науката, како и во усогласувањето на надворешната политика со европската. Но, напредок изостанува во борбата против корупцијата и реформите во јавната администрација.
Рокас смета дека извештајот е јасен показател каде Македонија треба да ги насочи реформите во наредниот период. Порача дека земјата се покажала како лојален партнер на кој ЕУ може да се потпре, но уставните измени остануваат неизбежен услов за продолжување на пристапниот процес кон Унијата.
И покрај позитивните оценки, премиерот нагласи дека остануваат области во кои се потребни дополнителни реформи. Порача дека Владата ќе продолжи со законските и институционалните промени, но од судството и обвинителството очекува конкретни резултати, професионалност и доследна примена на законите.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
