Македонија
4. јуни 2024 - 16:42

18-ти ден нема комплетно решение за хируршките клиники!

Со надворешни компресори, работа во две смени и само дел од салите отворени надлежните планираат да ја решат кризата на хируршките клиники. 

И додека ова е преодното решение на Министерството за здравство, хирурзи коментираат дека нема операции на хронични туку само на итни случаи, постои револт кај вработени а нема и доволен број на компресори за да може да функционираат оптимално. 

Иако на двапати заменик министерката имаше средба со директорите од хирургија, нема информација на колку болни им се пролонгирани интервенциите поради неработењето на оперативниот блок. Затоа, пак, менаџњерите имаат наредба да направат итни јавни набавки на надворешни компресори за надминување на проблемот. 

- Нема доволен број на компресори затоа што се набавувани како резервни варијанти од секоја од клиниките, не е предвидено дека може да настане ваков дефект и треба да бидеме реални со овој проблем што постои, вели Маја Манолева, заменик министер за здравство.

И додека надлежните незнаат, според информации на Сител од клиниките, најмалку 1000 пациенти имаат пролонгирани и одложени операции а за тоа сведочат и пациенти кои со недели чекаат да се најдат на листата.

Најголем проблем е смрдеата на која се жалат лекарите а за која Илир Демири испрати примероци за проверка во Германија. Но кога ќе стигнат не знае и заменичката.

- Јас немам информација, освен она што го слушнав од вас медиумите, тоа е сигурно по претходни задачи и барања на министерот Илир Демири. Мислам дека брзо би биле резултатите, вели Манолева.  

Освен проблемот со хируршките сали продолжува и хаосот на Токсикологија. Вработени од клиниката повторно со писмо до медиумите дека организациската директорка Бесија Илјази дели плата на 18-те договорци за месец април кога воопшто и немале никаков статус во установата, а фаворизира и сменско работење. Нивните договори со само еден потпис се од месец мај а досега реагираа и ДСЗИ и трудовиот инспекторат.