Македонија
24. October 2026 - 13:07

19-годишниот Македонец кај кого биле пронајдени фалсификувани 98.500 евра останува во притвор во Бугарија

Окружниот суд во Хасково, Бугарија, одлучи да го остави во притвор 19-годишниот македонски државјанин Хамза Дарлишта, кој на 19 октомври беше уапсен на граничниот премин „Капитан Андреево“ со 685 фалсификувани банкноти во евра, во вкупна номинална вредност од 98.500 евра.

Според бугарските медиуми, кај младиот Македонец биле пронајдени 300 банкноти од по 200 евра и 385 банкноти од по 100 евра, сошиени во поставата на неговата јакна.

Дарлишта, кој е вонреден ученик во Скопје и работи како монтер на камери за видеонадзор, пред истражните органи изјавил дека не знаел дека парите се фалсификувани.

Според Обвинителството, тој накратко влегол во Турција, каде што ја облекол јакната во чија постава биле скриени банкнотите.

При граничната контрола покажувал знаци на вознемиреност, се потпрел на седиштето и гледал во таванот на автомобилот.

По апсењето, при проверката на неговиот мобилен телефон, истражителите пронашле поголем број фотографии од слични фалсификувани банкноти, направени претходно во текот на годинава.

На дел од фотографиите бил и самиот осомничен.

Неговиот адвокат побарал поблага мерка, односно ослободување со парична гаранција, повикувајќи се на младата возраст и фактот дека досега не бил осудуван.

Судот, сепак, го прифатил барањето на Обвинителството и одлучил да го задржи во притвор, оценувајќи дека постои основано сомнение дека го сторил делото за кое се товари, како и опасност од бегство доколку биде пуштен на слобода.

Одлуката може да се обжали пред Апелацискиот суд во Пловдив.

Доколку биде прогласен за виновен, на 19-годишниот македонски државјанин му се заканува затворска казна од две до осум години.