Македонија
15. November 2025 - 16:46

20 диви депонии низ Прилеп

Огромен дел од прилепчани со нула еко свест за чиста животна средина. Околу самиот град има над 20 големи диви депонии, се фрла се што ќе се стигне, од фрижидери, до мебел, разно разни машини, градежен шут. Без и малку совест дека тоа ја уништува природата и иднината на нашите деца. Секој фрла отпад буквално каде ќе стигне. Денеска на 20-тина локации во и надвор од Прилеп се организираше еко акција за да биде по кој знае кој пат пример дека вака не може повеќе и мора да се смени нашиот менталитет.

„На 20-тина други локации постојат вакви групи, по моја слободна проценка можам да кажам дека во оваа акција се вклучени над 1.000 граѓани. Прво треба да ја подигаме свеста, ова што денес го правиме, второ јавните комунални претпријатија да се подигнат на едно повисоко ниво за да може да испорачаат одржување на јавните површини, со зголемена механизација и како трето системот на присила, последен го кажувам но мора и тој да се воведе. Планираме да направиме и неколку оградени локации каде што природно станале депони, па од тука да му биде поедноставно на ЈКП „Комуналец“ да ги чисти тие депонии од неколку пункта. И она што го ветивме во програмата за поставување на видео надзор на клучни позиции во градов. И тоа се развива како идеја и се надевам дека до година би имале и конкретен проект како тоа да се реализира и низ призма на тоа зголемено присуство на камерите да се намали фрлањето на отпад“, вели Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Бидејкќи досега овие еко акции и не вродиле многу со плод, некои познавачи на приликите сметаат дека само системот на казни може да ги натера граѓаните да ги почитуваат законите и да не загадуваат средината. Но и тука треба одредени системски промени.

„Еден инспектор е за животна средина, јас имам, редовни надзори, вонредни и инцидентни надзори. Одлагањето вообичаено се врши во попладневните часови, кога јас не сум на работам, а по закон за јавна чистота може да постапува и полицијата. Јас како единка не би можела да направам многу, бидејќи имам премногу обврски, секако дека треба да се изрекува казна, а за да се изречи казна за физичко лице треба да се фати во моментот кога го истура ѓубрето и да се легитимира, па да се изречи казна“, додаде Цветанка Николоска, овластен инспектор за животна средина во Општина Прилеп.

Во намалувањето на дивите депонии секако треба да помогне и полицијата што засега не го прави тоа и не ги казнува овие прекршители.