Македонија
1. November 2026 - 17:20

20 години архипастирска служба на владиката Иларион

Поставен камен-темелникот за новата митрополија во Штип.

Почетокот на изградбата се совпаѓа со одбележувањето на 20 години архипастирска служба на митрополитот Иларион на чело на Брегалничката епархија.

На свеченоста присуствуваше и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, кој се осврна на делата и придонесот на Иларион во изминатите две децении.

Во тој период, покрај изградбата и обновата на храмови, значајни се и духовните активности на владиката Брегалнички.

- Тој осветил 68 нови храмови, поставил и осветил 47 камен-темелници, преосветил 14 возобновени стари храмови, осветил 8 камбанарии, а за уште 10 осветил камен-темелници. Крстил 279 деца, благословил 463 брака, ракоположил 31 ѓакон и 28 свештеници и извршил 17 монашења, изјави г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски.

Осврнувајќи се на духовната посветеност и делата на митрополитот Иларион, архиепископот Стефан потсети на пораката што му ја упатил уште пред 20 години, истакнувајќи дека вистинските духовни вредности се темел за создавање дела што оставаат траен белег.

- Само оној човек или народ кој духовните дарови ги собрал и длабоко во себе ги носи, само тој може да создава такви духовни убавини и да твори цивилизациски вредности за сите времиња. Ние, Македонците, треба да бидеме горди на духовното богатство создадено од нашите пречесници и да се погрижиме тоа уште подобро да се чува и заштитува, но и постојано да се надградува, додаде г.г. Стефан.

Архиепископот посочи дека видливи се промените и во манастирскиот живот, зголемениот број верници на богослужбите и проширувањето на црковниот имот. Новата митрополија во Штип е симболичен почеток на следното поглавје во развојот на Брегалничката епархија.