Со тешки повреди на главата заврши 16 годишник по тепачката меѓу навивачките групи Фемили Аеродром и Работнички
Со тешки повреди на главата и нагмечување на мозокот, заврши на наврохирургија 16 годишник кој вчера беше повреден во тепачката меѓу навивачките групи Фемили Аеродром и Сити парк бојс.
Од Ургентниот центар каде што беше пренесен, заврши на одделението за неврохирургија.
Повредите се сериозни, велат докторите.
Инцидентот се случил синоќа откако група навивачи на Фемили Аеродром физички нападнале група навивачи на Работнички кои чекале да влезат во спортската сала Јане Сандански за да го следат кошаркарското дерби.
По масовната тепачка, полицијата приведе 18 годишен навивач.
Според пријавеното, М.М., како член на навивачката група „Фемили Аеродром“, повикувал, поттикнувал и учествувал во тепачка, во која група од околу 30 навивачи на „Фемили“ физички нападнале околу 50 навивачи на КК „Работнички“, кои чекале да влезат на спортскиот натпревар.
Притоа, 16-годишник од Скопје се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување лекарска помош, соопштија од МВР.
Тензиите меѓу ривалските навивачки групи не се ништо ново, но се почесто нивните пресметки се случуваат и надвор од спортските терени.
Синоќешната тепачка повторно го отвора прашањето каде завршува навивањето, а почнува насилството.
Наместо да го бодрат својот тим од трибините, дел од навивачите завршуваат во болница или во полиција.
Но, што ги тера навивачите на физички пресметки?
Дали станува збор за потреба од докажување, чувство на припадност кон групата или агресија што се оправдува со љубовта кон клубот?
И зошто поединци во група се подготвени на насилство кое можеби никогаш не би го сториле сами?
Според психолозите, потребна е поголема едукација на навивачите дека припадноста и лојалноста кон навивачката група не мора да се докажуваат преку насилство.
Важна улога во тоа можат да имаат и повозрасните навивачи, кои со своето искуство и влијание можат да им дадат пример на помладите членови.
Физичките пресметки не се единствениот проблем на спортските трибини. Во изминатиот период имаше и случаи на националистички скандирања, за кои реагираа институциите, а дел од клубовите беа и санкционирани.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
