25 години Рамковен договор: Стабилноста се гради со дијалог, а иднината со инвестиции
Пред 25 години на денешен ден во Охрид тогашните лидери на политичките партии под покровителство на претседателот на државата ставија потпис на документот кој го промени текот на поновата македонска историја.
Охридскиот рамковен договор донесе прекин на неколкумесечниот конфликт кој избувна во 2001та кога албанската паравоена формација ОНА почна со напади врз македонските безбедносни сили. Воените дејствија однесоа 78 животи а државата беше под закана од територијално расцепување. Овој договор го трасираше патот кон мирот.
Четврт век подоцна Охридскиот договор се перцепира како жива гаранција за еднаквост и стабилност, но и потсетник за научените лекции од минатото. По повод годишнината премиерот потенцира дека кон Охридскиот рамковен договор мора сите да се однесуваат со зрелост и одговорност кон иднината. Историјата не може да се промени, но обврска на денешната генерација е да извлече поуки и да изгради држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, порача Мицкоски.
„Време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува, а многу повеќе со она што заеднички треба да го изградиме. На Македонија ѝ е потребно општество во кое вредноста на човекот нема да се мери според неговото потекло, туку според неговото знаење, труд, чесност и придонес кон заедницата. Држава во која институциите ќе му служат на граѓанинот и во која напредувањето ќе зависи од способноста и резултатите.“
Стабилноста не е производ на случајност туку се гради со дијалог и меѓусебна доверба, порачаа од Владата на свечената седница за одбележување на годишнината од Рамковниот договр. Фокусот во претстојниот период ќе биде ставен на ефикасноста на институциите, зајакнување на довербата и спроведување на реформите кои треба да го забрзаат евроинтегративниот процес на земјата.
Претседателот на Собранието порача дека значењето на Охридскиот договор треба да се гледа надвор од политичките разлики и секојдневните толкувања оценувајќи дека тој останува важен столб на уставната и институционална архитектура.
„Република Северна Македонија е заеднички дом за сите нејзини граѓани. Неговата сила не лежи во разликите што нè делат, туку во способноста да ги претвориме во заеднички вредности. По четвртина век, прашањето што мора да си го поставиме повеќе не е што сме постигнале, туку што ни останува да им наследиме на идните генерации, државата што ја сакаме.“
Дека различностите треба да се негуваат како вредност а не да се користат за политички поделби согласен е и лидерот на опозицијата, но обвини дека токму спротивното го прават од владата.
„Ги делат граѓаните. Создаваат непријател. Сеат страв. Додека зборуваат за мир и соживот, во пракса прават сè за да го уништат. Македонија заслужува да биде просперитетна, интегрирана држава - дел од Европа, каде секој граѓанин ќе се чувствува сигурен во сопствената земја. Не со поделби. Не со омраза. Не со етикети како „талог“. Со вистина, со правда и со достоинство.“
Во организација на министерството за односи меѓу заедниците вечерва на камениот мост во Скопје ќе се одржи свечено одбележување на 25 годишнината од Рамковниот договор.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
