3 месеци подоцна - се уште непознати причините за пожарот во тетовската ковид болница
Претседателот Пендаровски ден по трагедијата во тетовската модуларна болница побара истрагата да биде завршена за една недела. И по три месеци тој како и целата јавност се уште нема одговор поради кои причини живи изгореа 14 луѓе.
Пендаровски потенцираше дека државата не смее да дозволи да се одолговлекува истрагата. Шефот на државата и денеска за Сител рече дека очекува од обвинителството час поскоро да одговори и да утврди одговорност без разлика дали се работи за институција или поединец.
Одговор за Сител „Недозволиво е трагичниот настан да не добие правна разрешница. Јавноста треба на исклучително транспарентен и јасен начин да биде информирана. Ова е најмалку што можеме да сториме за семејствата на трагично загинатите граѓани. “
Од обвинителството не прецизираат зошто истрагата се одолговлекла. Се уште ги очекувале вештачењата на експертите.
„Се очекува вештачењето од германските експерти кое беше побарано преку меѓународна правна помош, кое се уште не е пристигнато. Во меѓувреме се сослушуваат сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот. “
Германските форензичари пристигнаа неколку дена по трагичниот настан и според информациите тие треба да дадат одговор од какви материјали била изградена модуларната болница и дали истите биле во согласност со препораките на Светската банка која ја финансирала изградбата. Единствено познато е дека продолжен кабел на кој бил приклучен дефибрилатор, полнач за телефон и уште еден апарат, предизвикал пожар во обејктот.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
