30 уреди за мерење на бучава ќе ловат кои угостителски објекти пуштаат гласна музика и ги вознемируваат граѓаните
Оној што ќе пушта гласна музика, ќе биде уловен од специјализиран уред – кој ќе му донесе инспектор на врата. Општина Центар со нов систем во борба против бучавата.
На 30 различни локации низ скопски Центар, на најфрекфентни раскрсници поставени се уреди за мерење на бучава. Ќе регистрирааат гласна музика од рестораните и кафеаните, но и сообраќајни инциденти.
Врз основа на податоците добиени од овие уреди, општинските инспекциски служби вршат редовни контроли на терен. Уредите не снимаат, ниту препознаваат гласови, туку ја мерат исклучиво амбиенталната бучава изразена во децибели и фреквенцијата на звукот, што овозможува побрза и поефикасна реакција на надлежните служби, појаснуваат од општина Центар за Сител.
Со овие уреди нив казни нема да се пишуваат, но инстантно ќе ги алармираат инспекторите каде се кршат правилата за веднаш да излезат на терен. Санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.
Уредите се поставени кон зоните на бучава што произлегуваat од угостителските објекти и сообраќајот за заштита на јавниот ред и мир. Со ова, Центар станува првата општина со систем за мерење на бучава во реално време. Јавната набавка беше завршена пред изборниот процес, а поставувањето на уредите на одредените локации се заокружи денеска.
Крајната цел на проектот е преку мобилна апликација, секој граѓанин да може да провери каква е фреквенцијата на бучава на одредена локација. Системот ќе им овозможи на граѓаните да достават докази при пријавување во Министерството за внатрешни работи или до општинските инспекциски служби.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
