Македонија
7. October 2025 - 16:57

4% инфлација во септември

Трошоците за живот во септември повисоки за 4% споредено со истиот месец лани, пресмета статистика. Ова е намалување од август кога годишната инфлација беше 4,4%. Изминатата година поскапело речиси се, а најмногу алкохолните пијалоци и тутунот.  

И покрај тоа што на годишно ниво цените се уште растат, во однос на август, септемвриската инфлација бележи намалување за 0,2%.  Според статистичарите, поевтинување има кај транспортот од над 3%, а кај храната за 0,1%. 

Познавачите оценија дека ова се охрабрувачки бројки.

„Добрите прудентни мерки очигледно е дека даваат резултат и дека централната банка ја контролира инфлацијата. Констатацијата е дека тие мерки се добри. Јас сум голем противник на административното регулирање на цените, ограничување на маржите и останатите мерки кои во изминатиот период се користеа во праксата, а видовме дека на крај не донесоа значителен резултат“ -  изјави Зоран Ивановски, универзитетски професор. СДСМ критикува.

Велат ова не е статистика, туку политичка манипулација со поскапувањата кои граѓаните секој ден ги чувствуваат.

„Месечната промена не ја покажува реалната цена што ја плаќа секое семејство, затоа што вистинската слика за растот на трошоците ја даваат годишните споредби и кумулативната статистика. Сè друго е обид вистинските поскапувања да се поттурнат под тепих со лажни наслови кои содржат зборови како „нула“. Ако Државниот завод за статистика повторно го сервира моделот „месец на месец“ како главна вест, тоа значи свесно покривање на поскапувањата и пи-ар служба на Владата“, пишуваат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ вратија – „Чуден некој феномен ги зафатил СДС. И при јасни и релевантни резултати и податоци да не сакаат да прогледаат. Сега им најдоа замерка и не им се допаѓа методологија за трошоците на живот кои ги пресметува Државниот завод за статистика, само затоа што резултатите не се онакви какви што тие посакуваат. Ги разбираме дека се во изборна кампања, но не мора на се црно да гледаат, дури и кога резултатите се позитивни“.

Инаку годинава забележана е највисока годишна инфлација од 5% во февруари, а најниска во април, кога беа измерени 2,6 отсто.