Македонија
24. March 2022 - 16:32

47.000 прегледи на Инфективна во двете пандемиски години

Над 7000 хоспитализирани и 47 000 прегледи на Инфективна за време на двете пандемиски години. Бројките се дуплирани во споредба со нормалното функционирање на клиниката и затоа има дилеми кај лекари каков е квалитетот на услуги за болните кога капацитетот на установата е исполнет а долго трае и процесот на лекување. Од друга страна, многу одделенија низ болниците станаа ковид центри и пациенти со малигни заболувања, со дијабет и оние кои имаа закажано операција добиваа пролонгирање на термините.

- Се прашувам, дали не се огрешивме спрема пациентите кои немаа ковид а беа болни од многу други болести и тоа прашање често ми доаѓа во глава. Во таков период хронично болните не можеа на време да добијат здравствени услуги, вели др. Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

Освен во делот на здравството, пандемијата донесе промени и во образовниот и економскиот сегмент. Стратегиите и одлуките за време на ковид-кризата во целост не ги содржеа стандардите за заштита на човековите права е заклуокот на Институтот за човекови права за проектот направен на оваа тема. Констатирале дека дел од мерките биле од реактивна природа со цел да го заштитат здравствениот систем од колапс, без притоа значително да влијаат на намалувањето на бројот на заболени и починати лица како последица од коронавирусот.