Македонија
7. March 2025 - 16:54

50 денари еден час паркирање на Клинички - Нов газда, нови повисоки цени!

Речиси двојно ќе поскапи паркирањето на Клинички и од сегашните 30 денари, пациентите ќе плаќаат 50 денари на час. Ова ќе се случи доколку биде потпишан договорот со  компанијата Ѓока од Албанија, која откако го доби тендерот и треба само уште амин од Влада за преку јавно приватно партнерство,да стопанисува со најмалку 800 паркинг места. Министерот за здравство воопшто не го знае портфолиот на фирмата и колку е успешна во работата, но за Таравари новата цена што ја нуди Ѓока е пристојна. Од досегашните искуства на Клинички, најмалку еден час им треба на болните да најдат паркинг место а дополнително е времето за прегледи и други процедури. 

-„Сметам дека не е цена која е многу висока. Паркирањето во ‘Рамстор’ чини 60 денари, а кај ‘Нова Македонија’ 40 денари, така да мислам дека цената е пристојна, вели Арбен Таравари, министер за здравство. 

Информацијата дека Ѓока ќе го земе паркингот на Клинички предизвика бурни реакции и критики на адреса на здравствените власти – зошто странска компанија, зошто повисоки цени и дали тоа значи откажување од нов клинички центар. Таравари ги следел коментарите во јавноста а премиерот вели дека ваква одлука на Влада нема, а при изборот ќе го гледаат и кредибилитетот на компанијата. 

- Не е потпишан договорот. Еве слушам во јавноста, ако не им се допаѓа, нема да го потпишам, вели Таравари. 

- Одлуките кои оваа Влада ги носи се исклучиво во интерес на граѓаните и нема да биде поинаку. Така што, бидете сигурни секоја одлука којашто ја носи оваа влада е исклучиво во интерес на граѓаните, вели Христијан Мицкоски, претседател на Влада. 

Јавното приватно партнерство не било на 20 години, туку според Таравари, на 7 до 10 години и како што беше објавено, државата ќе зема 1 процент годишно од профитот на компанијата. Ова беше причина и за реакција на опозицијата.

- Договорен само 1% профит за државата е крајно сомнително и отвора сомнежи за корупција. СДСМ бара министерот Таравари да одговори колкав е неговиот личен интерес во ова, изразен во проценти? Постои ли провизија од оваа сомнителна зделка?

Во огласот за тендерот што го доби Ѓока Констракшн е предвидено фимата да изгради и две катни монтажни гаражи. Оваа компанија од 2022 година има подружница и во Македонија.