50 години и шест месеци затвор за нарко-кланот Грчец
Вкупно 50 години и шест месеци затвор добија шестмината членови на нарко-кланот Грчец за набавка на 15 килограми кокаин и двојното убиство на Африм Бериша – Фифи и Бурим Вардари – Билбилот кои беа изрешетани во автомобил во Топанско поле во 2021 година.
Судот ги прогласи Фадил Бајрамовски, Севди Азири, Неџати Исени и Бесим Асани за виновни за купување и продажба на дрога. Бесим доби шест, а сите останати по пет години затвор. Набавиле дрога во два наврати, еднаш од Албанија и еднаш од Белгија каде дрогата ја краделе од пристаниште облекувајќи се како полицајци.
Фати Сулејмановски и Шуеп Сулејмановски, добија 14 и 15 години затвор и се осудени за злосторничко здружување и за двојното убиство на Фифи и Билбилот кое било нарачно од „босот“ Шеваљ Муареми кој е во бегство во Дубаи. Групата, како што образложи судот, набавувала и продавала дрога, а Шеваљ заедно со Орхан Бајрамовски Оки, кој беше ликвидиран во Грција планирале убиства на сите кои им сметале во бизнисот.
Клучните докази во постапката дошле од комуникација на енкриптираната апликација СКАЈ, која беше пробиена од страна на белгиските полициски служби во 2021 година. Токму оваа комуникација покажала дека мета на 5 март 2021 година всушност бил Фифи, а Билбилот бил колатерална штета.
Планирањето на убиството на Фифи почнало три месеци претходно, во декември 2020 година. Групата од Грчец го следела, и чекала најповолен момент за да го ликвидира. На критичната ноќ Фифи бил следен, но Оки и Јетон Криваљева Жила, кој беше убиен во пукањето во „Шиша бар“ во скопската Чаршија само пет месеци подоцна, добиле информации во реално време од Билбилот.
- Следува комуникација помеѓу Јетон и Орхан во која Јетон му кажува на Орхан дека Фифи – Африм Бериша седнал напред, значи совозач, а Билбилот – Бурим Вардари е позади Фифи. Врз основа на истото судот утврди дека убиството на Фифи – Африм Бериша и Билбилот – Бурим Вардари има и трето лице кое всушност го управува возилото што се потврдува и од останатите докази. Од ваквата комуникација јасно се потврдува дека Орхан и Јетон будно го следат извршувањето на планот за убиството на Фифи – Африм Бериша, но и дека за истото добиваат информации од лице место што се потврдува од подоцнежната комуникација од која произлегува дека всушност Билбилот – Бурим Вардари им давал информации, рече судијката Фанка Јанчулева Михаиловска образложувајќи ја пресудата.
Третото лице, односно шоферот, според судот, бил Веби Арифи, кој е починат. Дека Билбилот бил колатерална штета покажува подоцнежна комуникација според која Оки изразил жалење што и Билбилот го загубил животот во ликвидацијата.
Енкриптираната апликација СКАЈ која се инсталира на мобилни телефони кои не можат да се најдат на отворениот пазар со години беше главен начин за комуникација на криминалните групи во Европа, во 2021 година беше пробиена од страна на белгиската полиција. Запленетата комуникација потоа беше дистрибуирана до државите ширум Европа. Но, белгиската полиција пенетрираше во СКАЈ со хакерски напад. Токму тоа е аргумент за одбраната зошто овие докази не треба да бидат земени предвид.
- Согласно последната одлука на Регионалниот суд во Берлин кадешто не беше прифатена законитост на овие докази беше донесена ослободителна пресуда дека апсолутно овие докази се обезбедени на незаконит начин, рече адвокатот на Неџати Исени – Ангел Ѓорѓиев.
Дополнително, одбраната смета дека дури и така прибавени докази не се доволни за осудетелна пресуда.
- И самата содржина која беше изведена на овие податоци и содржини апсолутно не делуваше уверливо, ниту значеше некаков материјален или било каков доказ којшто упатува на вина на обвинетите, рече Ѓорѓиев.
Нарко-кланот Грчец, кој повеќе години е во улична војна со кланот Беланоца/Барон, според Обвинителството, брои 15 луѓе. Седуммина од нив, меѓу кои и Шеваљ Муареми се во бегство. Во меѓувреме, убиени беа тројца.
Босот Шеваљ е во Дубаи. Министерството за правда лани последен пат побара негова екстрадиција, но не доби никаков одговор од Обединетите Арапски Емирати. Дубаи често е прибежиште на криминалци поради тоа што ОАЕ не екстрадира никого. Досега Обединетите Арапски Емирати имаат екстрадирано само неколку криминалци и тоа исклучиво по барање на Холандија.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар