60 млади со високо образование од Грција и Македонија ќе ги доусовршуваат претприемничките вештини за поголема конкурентност
Преку проектот „ЕНТЕГ - Претприемништво за дипломирани студенти со високо образование“ 60 млади со високо образование од Грција и Македонија ќе ги доусовршуваат претприемничките вештини за да ја засилат својата конкурентност на пазарот на трудот и да најдат полесно вработување дома, наместо да се иселуваат. Проблемот со иселувањето на младите е заеднички за двете држави.
„Мислам дека младите треба да бидат охрабрени и од бизнис заедницата и од сите релевантни фактори, мислам дека треба да бидат охрабрени, треба да има повеќе претприемнички обуки, треба да се стекнат со самодоверба, да добијат самодоверба и да сфатат дека можат да се реализираат и во нашата земја“, вели Дања Димовска-Микаровска, Проектен менаџер од COSV -Прилеп.
„Она што сакаме да го направиме е да промовираме вработување, работничка мобилност и прекугранична, културна инклузија и соработка. На овој начин би ги поддржале локалните економии и би ја зацврстиле врската помеѓу двете земји“, додаде Ламбрини Цоли, проектен менаџер на РФРЦМ, Република Грција.
На промотивниот настан во Прилеп беше презентирана и состојбата на Ромите со завршено високо образование кај нас. 85% од Ромската заедница не го продолжува своето образование на факултет бидејќи не верувале дека тоа образование ќе им донесе вработување. Исто така проблем има со оние Роми кои завршиле средно стручно образвние. Само 6% од нив работат на струката која ја учеле. Затоа се предлагаат повеќе мерки.
„А тие мерки би вклучувале од една страна финансиски олеснувања кои би ги вовеле универзитетите за припадниците на маргинализираните заедници, но од друга страна и поголема промоција на самите универзитети во текот на средното образование на младите“, изјави Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА П.Е.Т.
Повикот веќе е во тек на кој што можат да аплицираат младите високообразовани кадри.
„Да можат да добијат вештини за започнување на сопствен бизнис, да најдат полесно вработување, полесно да се снајдат на пазарот на трудот и додадена вредност на проектот е што ќе работат со нивни врсници од другата страна на границата, од Република Грција. На тој начин може да дојде и до заеднички бизнис“; кажа Златко Талевски, извршен директор на МКЦ Битола.
„Како би се изнашле заеднички решенија за решавање на проблемот со иселувањето на млади високообразовни кадри од нашиот крај“, потенцираше Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Проектот е реализираат од COSV Италија - подружница Прилеп, МКЦ Битола, Регионалниот фонд за развој на Централна Македонија од Грција и Техничката комора од оваа држава.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар