Свет
23. May 2026 - 11:12

Администрацијата на Трамп воведува ново правило за аплицирање за „Зелена карта“

Странските државјани кои сакаат да аплицираат за американската „Зелена карта“, во иднина ќе мора да ја покренат процедурата надвор од територијата на САД, согласно новото правило на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, јави агенцијата ДПА.

Службата за државјанство и имиграција на САД (УСЦИС) вчера соопшти дека отсега секој странски државјанин кој престојува привремено во САД, а сака да добие „Зелена карта“, ќе мора да се врати во својата матична земја за да поднесе барање, освен во вонредни и исклучителни околности.

Досегашната пракса им овозможуваше на странците, вклучувајќи ги туристите и студентите, под одредени услови да аплицираат за постојан престој додека се наоѓаат во САД.

Според „Вашингтон пост“, повеќе од половина од одобрените „Зелени карти“ на годишно ниво досега се издавале токму преку оваа процедура.

Од американската имиграциска служба потенцираат дека неимигрантите, како што се студентите, привремените работници или туристите, доаѓаат во САД на кус рок и со специфична цел. Нивниот систем е дизајниран тие да ја напуштат земјата по завршувањето на посетата, која не треба да се користи како прв чекор во процесот за добивање постојан престој.

Надлежните уверуваат дека со оваа промена ќе се ослободат ограничените ресурси на службата, кои ќе се насочат кон обработка на други приоритетни предмети, како што се визите за жртви на насилен криминал и трговија со луѓе, како и барањата за натурализација. Откако Доналд Трамп минатата година стапи на функцијата претседател на САД за втор мандат, Вашингтон значително ја заостри својата миграциска и гранична политика.

 

МИА

Ново на Сител