Македонија
22. May 2026 - 17:42

Сали од Брисел: Силна посветеност за унапредување на македонската евроинтеграција и спроведување на клучните реформи

Спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, владеењето на правото, реформите во јавната администрација, енергетиката, како и инфраструктурните проекти и регионалната поврзаност, биле темите во фокусот на денешните разговори во Брисел на првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали со претставници на Европската комисија и Работната група на Советот на ЕУ (COELA).

- Останува силната посветеност за унапредување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија и спроведување на клучните реформи согласно европските стандарди, вели Сали во изјава по средбата, што ја пренесува Министерството за европски прашања.

На средбата, посочува Сали, беше оценет досегашниот напредок и континуираната соработка со европските институции, при што беше нагласена важноста на праведен, предвидлив и на заслуги заснован процес на патот кон полноправно членство во Европската Унија. 

Министерот Сали  исто така ја потенцираше важноста на регионалната соработка и постепената интеграција во Заедничкиот европски пазар, оценувајќи ги како клучни елементи за стабилност, економски развој и безбедност во регионот.

МИА

Ново на Сител