Адвокати бараат да прекине судењето за пожарот во „Пулс“
Да прекине судењето за дел од обвинетите кои како службени лица одговараат за пожарот во Пулс, предлага нивната одбрана. Барањето на адвокатите следи откако Обвинителството за гонење криминал и корупција објави дека седуммина полицајци нема да ги гони за тешки дела против општата сигурност бидејќи тие немале обврска да проверуваат дали објектот ги исполнува условите за противпожарна заштата и минимално техничките услови за угостителска дејност. Таквата одлука според одбраната е контрадикторна, велат, за ист настан и исти околности, обвинителството донело различни одлуки против служебните лица.
Обвинителите кои денеска беа во судницата, рекоа дека Јавното обвинителство ја нема одлуката со која е запрен прогонот за полицајците, но потенцираат дека таквата одлука ќе ја ценат и повисоките обвинителства.
„Обвинителниот акт напоменувам не опфаќа полициски службеници, а ЈО за нив опфаќа исти дела. Денеска во судницата сме по одобрен и стапен во сила обвинителен акт. ЈО ги нема овие одлуки на ОЈО ГОКК и со тоа нема увид дали се таму наведени оштетени лица и причините за штета", изјави Борче Јанев, Јавен обвинител.
Судењето продолжи со распит на тројца сведоци, според исказот на шанкерот Дејан Манасиев, во дискотеката имало противпожарни апарати и излез за итни ситуации, но тоа го негираше обвинителството бидејќи во текот на истрагата Манасиев имал поинаква изјава. Неговото сведочење ги налути и родителите на загинатите, за нив е нејасно како сведокот можел да види дека вратата е блокирана од гости кои го снимале огнот, кога на снимката која ја споделија со медиумите се гледало дека објектот е исполонет со густ чад.. Сметаат дека Манасиев сведочел во корист на сопственикот на Пулс каде работел од отворањето на дискотеката.
Другите двајца сведоци рекоа дека пожарот настанал по активирање на прскалките и се проширил многу брзо. Во објектот постојано имало и малолетници, а за купените билети никогаш не добивале фискална сметка. Судењето продолжува во четврток, повикани се петмина сведоци.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
