Македонија
25. January 2026 - 16:33

АХВ: Спроведени 125 илјади контроли, изречени казни од над половина милион евра

Свежо месо, риба, колбаси е само дел од небезбедната храна која со контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство е спречена да се најде на трпезите. Илјадниците проверки спроведени во текот на минатата година откриле бројни пропусти во производство, транспорт и продажба на храната. Од АХВ велат, лани се реализирани над 125 илјади контроли, при што, фокусот бил ставен на објектите кои се категоризирани како високоризични. Најчесто биле контролирани угостителски објекти, месарници, пекарници, бурекчилници, сендвичарници. Кај нив направени биле 47.200 проверки. Поради утврдени неправилности, инспекторите на АХВ, издале 5.406 решенија за остранување на пропустите, поднеле 10 прекршочни пријави, а изречени биле и 1.073 парични казни во вкупна вредност од скоро 620 илајди евра. Агенцијата за храна и ветеринарство поднела и кривични пријави за непочитување на правилата од здравствена заштита и благосостојба на животните.

„Акцент со контролите беше ставен на имплементирањето и одржувањето на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса и НАССР системот за безбедност на храната, како и соодветното означување на храната, мониторинг на храната од домашното производство и од увоз, здравствената заштита и благосостојба на животните. Фреквенцијата на официјалните контроли се вршеше согласно категоризацијата на објектите (операторите со храна) по ризик, при што категоризираните објекти со висок ризик беа почесто контролирани од оние кои се категоризирани како оператори со  низок ризик“, изјави Оливер Миланов, Директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Со инспекциските надзори била откриена и одземена над 355 илајди килограми небезбедна храна. Поради сомнително потекло и несоодветен квалитет, уништени се месо, прозиводи од месо, риба, млечни производи, јаткасти плодови, алкохол и сокови.

Покрај домашниот пазар, под засилен надзор бил и увозот, како и храната која транзитирала низ државата.

„Инспекциските служби на Агенцијата спроведоа 78 016 контроли на увозните пратки и пратките кои транзитираат низ земјава, со храна од животинско и неживотинско потекло, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, добиточна храна и живи животни. Како небезнедни уништени беа 8 пратки со храна од неживотинско потекло во количина од 69 785  килограми, а една пратка беше вратена во земјата извозник“, вели Миланов.

Дополнително, како небезбедни биле уништени и три пратки со храна од животинско потекло со вкупна тежина од 22 тони. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека продолжуваат со редовните но и вонредните контроли за увоз, транспорт и продажба на храната, со цел заштита на здравјето на граѓаните.