Македонија
2. April 2016 - 17:14

Алергиите напаѓаат - Десетина пациенти дневно бараат помош на клиниката за очни болести

Пролетните алергии ги полнат болниците. Со кивање, течење на носот, солзење и печење на очите лекарска помош бараат и млади и стари. Oткако затопли времето дневно само на Клиниката за очни болести имаат по десетина пациенти. Многумина мислеле дека имаат инфекција, а се работело за алергија.

-Класично со алергијата на очите е што оди со солзење и пецкање за разлика од инфекциите кои одат со секрет и со лепење на очите. Се повеќе доаѓаат пациенти кои ги покажуваат своите симптоми и имаат чувство на пецкање и грепкање на очите итн. И црвенилото не е толку големо како кај инфекциите, изјави асс.д-р Ирина Богданова, од Клиниката за очни болести.

Зголемениот број на граѓани со алергии овој период е поради цветањето на тревата. И очните лекари и пулмоалерголозите советуваат сите кои имаат алергиски симптоми, да не се лекуваат на своја рака туку да се јават во болница за дијагностика за да добијат соодветна терапија.